Формираната снежна покривка во Македонија ќе ги заштити есенските посеви од ниските температури, велат агрометеоролозите. Според нив, издржливоста на посевите во вакви услови е многу поголема.
УХМР најавува постудено време во наредните денови. Подолгото задржување на ниските температури, нагласуваат експертите, може да предизвика измрзнување кај младите лозја и овошки, посебно долж Повардарието и во Малешевијата. Посебно ризичен беше поларниот студ изминатата недела кога во житородните региони Битола и Штип беа измерени минус 24,6 и минус 20,6 степени.
- Минималните температури изминатиот период, од минус 10 во Гевгелија до минус 28 во Берово и минус 16,6 во Демир Капија, укажуваат на опасност од делумно измрзнување на родните окца кај виновата лоза, особено кај младите насади. Слична е состојбата и со овошните насади во Малешевијата каде температурите беа повисоки од минус 28 степени, а издржливоста на коскестите видови е од минус 25 до минус 35, особено кај младите насади кои имаат поголемо количество сокови во стеблото и гранките и се поподложни на измрзнување - оценуваат агрометеоролозите.
Евентуалните штети од измрзнување во овој момент не може да се констатираат се додека не почне пролетното кроење кога не е исклучено и да се корeгираат одредени состојби.