Снегот ќе ги заштити од замрзнување есенските посеви во Пелагонија и тие се во добра кондиција.
Ова го наведуваат од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според Илија Србиновски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола, ниските температури на воздухот во пелагонискиот регион нема да им наштетат на земјоделските култури.
- Во вакви временски услови најчувствителни се есенските земјоделски култури во проникнување, но снежната покривка која достига до 20 сантиметри е многу корисна за посевите и нема да дозволи мрзнење. Есенските посеви се наоѓаа во добра кондиција и снегот ги штити од ниските температури и овозможува поволен развој на културите - истакнува Србиновски.
Агро-експертите деновиве се постојано на терен и освен за земјоделските култури помагаат и за сточниот фонд за кој според информациите на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство навреме била обезбедена храна и згрижување во зимски услови.