На интернет е отворена петиција за чист воздух со која се повикуваат Владата, Министерството за животна средина и, како што се вели, сите релевантни фактори, да преземат порешителни мерки за справување со загадувањето.
- Оваа петиција е одговор на Вашиот игнорантски став кон воздухот кој го дишеме ние граѓаните на Република Македонија. Вашите приоритети не треба да бидат политичките кампањи и начинот на кој треба да дојдете на власт. Ако не нема нас граѓаните ја губите и поддршката во сите сфери од вашето функционирање - се вели во повикот.
Состојбата со нечистиот воздух во главниот град, се додава, од ден на ден станува се поалармантна, всушност веќе го достигна врвот на неодложување на овој проблем.
- Секој ден сме сведоци на се поголем број болни деца од респираторни болести. Смртните случаи не се исклучок, за жал. Но градските власти како да имаат поголеми приоритети од тоа да им обезбедат здрав живот на своите сограѓани и на нивните деца. Ве молиме преземете ги потребните мерки додека не е доцна. Секоја минута е важна. Македонија сака чист воздух - се порачува со петицијата.
Потписите се собираат на интернет-страницата zacistvozduh.com.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS