Eдна од најзначајните политики и инструменти на Европската унија во делот на заштита на природата се ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои се основните правни механизми за воспоставување на Европската еколошка мрежа Натура 2000.
Ова го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети на работилницата на тема „Размена на искуства помеѓу Франција и Македонија за Натура 2000 и имплементација на Директивите за живеалишта и птици“ во организација на Амбасадата на Франција и Министерството за животна средина и просторно планирање.
- Од таа причина Натура 2000 ја препознаваме како клучен сегмент во функционирањето на екосистемот, во зачувувањето на природните богатства, растителните и животинските видови и нивните природни живеалишта, кои се од посебен интерес и режим на заштита од ЕУ. Визијата за одржливиот развој може да стане реалност со инструментот на Натура 2000, чиј опфат ќе се зголемува со понатамошната имплеменатција на проектот - вели Амети.
Според него, за земјите кандидати за членство во ЕУ, значајно е хармонизирање на националното законодавство од областа на заштитата на природата со законодавството на ЕУ. Постоењето на законска регулатива која е усогласена со регулативата на ЕУ, рече Амети, значи подобра координација и квалитетно подобрување на унапредувањето на заштитата на природата.
За првите чекори за запознавање со Натура 2000, министерот појасни дека тие се разработуваат во рамки на ИПА ЕУ проектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000”, и дека ќе се изготви и нов Закон за заштита на природата и подзаконски акти заради целосно транспонирање на ЕУ директивите за живеалишта и птици.
- Ќе се идентификуваат природните живеалишта и видови на национално ниво, кои се од значење на ЕУ, за кои во иднина ќе треба да се спроведат научни истражувања, со цел да се воспостават потенцијалните Натура 2000 подрачја. За подрачјата кои ќе се обработуваат ќе бидат изготвени податоци во дигитална форма (ГИС) - истакна Амети.
Амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние порача дека после формирањето на новата Влада во Македонија таа треба да се заложи за усвојување на новите законски текстови.
- Франција се залагаше силно во поглед на ова во текот на КОБ 21 и без разлика на промените коишто ќе се случат овде нема да се откаже од овие напори - вели Тимоние.
Натура 2000 е првата формална примена на еколошки концепт во Европа, и ја претставува имплементацијата на Директивите за птици и хабитати. Воспоставувањето на оваа мрежа на заштитени подрачја исто така претставува исполнување на обврската на заедницата која произлегува од Конвенцијата за биолошка разновидност на Обединетите Нации.
Натура 2000 е мрежа на морски и копнени подрачја од меѓународно значење осмислена за да ги заштити природните живеалишта и видовите на растенија и животни кои се ретки, загрозени или ранливи, а кои се заштитени со законите на Европската Унија. Главната цел на мрежата е да го одржи или обнови поволниот статус на заштита на одредени видови и природни типови на хабитати во нивниот природен опсег.