Со помош од Европската унија, почна обновата на браната Мавровица кај Свети Николе.
Проектот кој се одвива во рамките на Програмата на ЕУ за санација на штетите од поплавите чини 175.000 евра и предвидува целосна реконструкција на низводната косина на браната и санација на други оштетени делови.
- Ова претставува само прва фаза на мерките на санација. Понатаму, како втора фаза, се планира санација на преливниот орган и слапиштето на браната, за што обезбедени се дополнителни средства - изјави Димитрија Сековски, раководител на Програмата.
Браната Мавровица е од исклучително значење за овчеполскиот регион кој со децении се соочува со недостаток на вода. Иако водата од акумулацијата, по изградбата на хидросистемот Злетовица и браната Кнежево, повеќе не се користи за пиење, сепак игра клучна улога во наводнувањето на земјоделските површини во овој, претежно земјоделски крај. Акумулацијата, долга 1,3 километри, длабока 26 и широка околу 500 метри, е пуштена во употреба во 1980 година и досега освен санација на преливниот орган во 1985 година, досега немало интервенција за реконструкција на браната.
Реконструкцијата на браната Мавровица е еден од проектите финансирани со средства од Европската унија во рамки на мултимилионската Програма на ЕУ за санација на штетите од поплавите во 2015 година. Сите проекти ги спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Секретаријатот за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, АД Водостопанство, Министерство за животна средина и просторно планирање и локалните власти.