Во наредната 2017 година ќе се наводнува површина од 10.100 хектари. Носечка култура во кочанскиот регион ќе остане оризот со 5.100 хектари, во штипскиот и светиниколскиот регион луцерката со 2.100 хектари, пченката со 1.200 хектари, а останатото се други култури, раноградинарски, лозја и овоштарнци.
Ова е планот за наводнување што водостопанство „Брегалница“ Кочани го изнесе за престојната сезона за наводнување за целиот хидросистем, со цел земјоделците да можат да се информираат кои полиња и во кои атари идната година ќе се наводнуваат.
Директорот на водостопанство „Брегалница“ од Кочани Николчо Гоцев, рече дека годишниот план е изработен врз основа на барањата на земјоделските производители од подрачјата кои ги опфаќа Хидросистемот Брегалница.
- Преку месните заедници ги добивме предлозите за количините на вода и забелешките кои ниви ќе се наводнуваат и истите ги вградивме во планот за наводнување за наредната година - вели Гоцев.
Тој посочува дека на земјоделците им е даден рок од една недела за да можат да извршат увид во предлог планот и да даат забелешки со цел задоволување на барањата на земјоделците за користење на вода од системот.
Акумулацијата „Калиманци“ засега располага со 42 милиони метри кубни вода, а за целосно реализирање на наводнителниот план за идната година ке бидат потребни 110 милиони метри кубни вода, кои впрочем се очекува да бидат акумулирани во текот на наредните пет месеци.