Познати се двете фирми кои ќе работат на реконструкција на трите брани на реката Пена, на чистење на дивите депонии во село Шипковица и на изведба на подготвителните работи за инсталација на хидролошки станици во полошкиот регион.
Ова го најави министерката за локална самоуправа Ширет Елези.
- По целосното спроведување на постапката за набавка, се потпишаа договорите со фирмите и во текот на следните дена се очекува да почнат работите на терен. Согласно договорите, работите околу чистењето на дивите депонии во село Шипковица, како и подготвителните работи за инсталација на хидролошки станици, во целост треба да бидат завршени до крајот на годината, додека рокот за комплетирање на реконструкцијата на трите брани на реката Пена е крај на март наредната година - вели Елези.
Со тоа, како што рече, Министерството за локана самоуправа, во соработка со УНДП, ќе ја заокружи првата фаза од санирањето на причините и намалување на ризиците од поплави во Полошкиот плански регион.
Димитрија Сековски од УНДП информира дека на реката Пена во Тетово постои систем од прегради, брани кои се армирано-бетонски и решеткасти, кои го штителе и го штитат градот од поројните поплави кои со себе носат огромни наноси.
- За жал за време на последната поплава што беше во август 2015 година три од вкупно шесте прегради беа сериозно оштетени, што значи дека градот Тетово е изложен на ризик од поплави и од други видови штети, наноси, крупни камења - вели Сековски.
Тој додава дека преградите што се во подобра состојба ќе ги зајакнуваат, реконструираат и ќе направат одредени градежни интервенции со цел да се стават во функција и да го заштитат Тетово до моментот кога ќе се воспостави повторно целиот систем за заштита на градот.