Турската компанија „Адалихолдинг“ е подготвена до крајот на годината да почне со изградба на Конска брана во Гевгелија.
Ова е договорено на средбата на градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов со заменик-директорот за енергетика на турската компанија „Адалихолдинг“ Ебубекир Туран, која беше избрана на тендер како изведувач на Конска брана.
Туран вели дека компанијата е подготвена за почеток на работите и оти се чека одобрение за градба.
- На почетокот на декември целиот урбанистички проект ќе го претставиме во Гевгелија и веднаш ќе почнеме со изградбата на овој долгоочекуван капитален објект кој многу ќе ја промени економската, социјалната и туристичката слика на општина Гевгелија - вели Туран.
Тој го покани Франгов да биде гостин компанијата во Анталија, каде што ќе може да посети веќе изградена брана од „Адалхолдинг“ и да види какви бенефити има подрачјето каде што таа е изградена.
Франгов посака изградбата на Конска брана да почне што поскоро и во таа насока понуди секаква човечка и логистичка подршка на тимот од „Адалхолдинг“ кој во наредниот период ќе работи на реализацијата на најкапиталниот проект во општина Гевгелија.