Околу 88 отсто од продавачите, дистрибутерите, производителите и другите субјекти што располагаат со храната би ги донирале своите вишоци со тесен рок на употреба.
Ова се резултатите од истражувањето на невладината организација Банка за храна Македонија. Во истражувањето биле вклучени 257 субјекти од четири града, Скопје, Тетово, Битола и од Струмица, кои одговарале на 17 прашања поврзани со постапувањето со храната што им останува.
Според другите резултати, околу 32 отсто од испитаниците одговориле дека им остануваат вишоци храна. Од нив, 68 отсто изјавиле дека храната ја повлекуваат неколку дена пред истекот на нејзиниот рок, 21 отсто на самиот ден, а преостанатите во друг термин. Но дури 51 отсто ги одлагале вишоците на депонија. Дека имаат план за управување со отпадот од храна одговориле 45 отсто. Вкупно 54 отсто рекле дека имале искуство со донирање храна, но само 32 отсто биле запознаени со глобалниот тренд да се спречи фрлањето храна и таа да им се доставува на гладните.
Душко Христов, директорот на Банката за храна, вели дека, според овие резултати, и покрај социјалната слика во Македонија, се` уште се фрла огромно количество храна. Банката за храна подолго време работи на подготовка на закон со кој ќе се забрани фрлањето храна и ќе се воведе задолжителна редистрибуција до оние на кои им е потребна. Минатиот месец со таа цел во земјава присуствуваше и Араш Дерембарш, францускиот политичар што го издејствува таквиот закон во Франција и потоа ја претвори својата иницијатива во светско движење.
- Целта е да се подготви закон, но Франција и Македонија не се исти, и поради тоа работиме заедно со маркетите, дистрибутерите и со другите засегнати страни, за да подготвиме закон што ќе одговара на домашните услови. Тој не мора да биде ниту многу различен, но сепак, не можеме едноставно да го преземеме нивното решение. Закон се гради од темелот, не од покривот - рече Христов.