Претставници од релевантни институции од Македонија и Албанија ги разгледуваат мерките за прекугранично управување со сливот на Охридското Езеро и ставање на албанскиот дел од езерото под заштита на УНЕСКО како природно и културно наследство.
Претставникот на Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, Синиша Шешум смета дека проектот за заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро како природно и културно наследство на УНЕСКО напредува добро и очекува во 2019 година целото езеро да биде заштитено.
- До септември идната година очекувам да се направи документ за запишување на овој дел од езерото во светско наследство заштитено од УНЕСКО, кој ќе влезе во процедура во 2018, а резултати може да очекуваме во 2019 година - појаснува Шешум, нагласувајќи дека Албанија е многу посветена за реализација на овој проект.
Меѓународната унија за чување културни споменици и подрачја (ИЦОМОС), според претставникот Крис Грац, имала исцрпна анализа и индентификувани биле сериозни закани за езерото, кои може да доведат до укинување на статусот на УНЕСКО.
- Идентификувавме сериозни закани, тука може да ги споменеме индустријализацијата, особено урбанизацијата во крајбрежниот дел, интензивното земјоделство и други активности кои би довеле до промена на карактерот на пределот со што ќе се изгуби потенцијалот на подрачјето за долгорочен одржлив развој и за статусот на УНЕСКО. Овој процес не е важен и вреден сам за себе, туку е одлична можност за двете страни одвоено да преземат активности за да го зачуваат ова наследство и сега е момент за тоа, ако се пропушти оваа можност тие вредности ќе се изгубат засекогаш - истакнува Грац.
Реализацијата на проектот „Заштита на регионот на Охридското Езеро“ е показател дека албанската страна е заинтересирана и ја потврдува заложбата дека езерото може да се заштити единствено само ако е заштитено како целина, смета Зоран Павлов од Управа за заштита на културно наследство при Министертсвото за култура на Македонија.
- Овој проект дава добри сигнали дека во иднина ќе успееме езерото да го заштитиме и сочуваме за идните генерации. Од Македонска страна не можеме да се пофалиме дека ги почитуваме многу регулативите. Урбанизацијата и тенденцијата за економскиот развој го прават своето, но ние сме тука да се обидеме да направиме еден баланс, кој ќе успее да го сочува она највредното поради кое и Охридскиот регион е под заштита на УНЕСКО. Мораме да го сочуваме регионот за идните генерации и да го претставиме во најдобро светло пред светската јавност - вели Павлов.
Целта на проектот за заштита на регионот на Охридското Езето, според Оливер Аврамоски од регионалната канцеларија на ИУЦН (Меѓународна унија на зачувување на природата) е албанската Влада да подготви документ за номинација на тој дел од езерото како природно и културно наследство.
- Преку овој прект им помагаме на постоечките механизми како што е Комитетот за сливот на Охридско Езеро да се посвети на оние прашања кои се особено важни за светското културно и природно наследство - вели Аврамоски.