mksqen
23
Пет, Мај
0 Нови / 7 дена

Ќе се заштитува биолошката разновидност во Македонија

Ќе се заштитува биолошката разновидност во Македонија

Типографија

Зголемување на националната мрежа на заштитени подрачја, создавање услови за ефикасно менаџирање на биодиверзитетот и негово вклучување во процесот на просторно планирање, има за цел проектот „Постигнување заштита на биолошката разновидност преку создавање, ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање и користење на просторот“.

Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд со 3,6 милиони долари во период од четири години, а го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата на ОН за животна средина.

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети вели дека ова е иновативен прв голем проект на национална иницијатива што го трасира патот на заштита на биолошката разновидност преку зголемување на мрежата на заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во стратешките документи.

  • Проектот ќе се реализира во три компоненти и предвидува проширување на мрежата на заштитени подрачја од 8 на 12 проценти на ниво на нашата држава. Ќе се изработи студија за валоризација на природните вредности, конкретно за Шар Планина, поради посебните хабитати и високиот степен на биолошка разновидност, како и фактот дека претставува прекугранично заштитено подрачје - рече Амети.

Тој посочува дека вклучувањето на Шар Планина во овој проект е од големо значење не само за Македонија, туку и за земјите од регионот Косово и Албанија.

  • Голема национална придобивка од спроведувањето на овој проект е изработката на индекс на црвена листа за Македонија со што ќе се овозможи приоретизирање на загрозените видови. Предвидени се и активности за подигање на јавната свест, обуки и семинари и изработка на дигитални мапи - додава Амети.

Директорот на секторот за еко системи при УНЕП Ерсин Есен, вели дека Македонија претставува многу важна географска точка поради големиот број езера, шуми, планини и биолошката разновидност.

  • Проект е еден од главните обиди за намалување на штетите од земјоделието и урбанизацијата и воведување на одржлива пракса во заштитените области. Македонија има големо искуство во раководење со заштитени области, уште од 1948 година со националниот парк „Пелистер“, и затоа сме тука и сакаме да ги внесеме нашите искуства во овој проект - вели Есен.

Тој посочува дека со предизвиците од животната средина и биолошката разновидност се соочуваат 2,4 милијарди луѓе во светот.

Проект координаторот Соња Геберт рече дека, проектот има вкупен буџет од 25 милиони долари и има за цел да ја зголеми мрежата на заштитени подрачја за 1,5 проценти на целата територија на Македонија, да идентификува шуми со висок степен на биолошката разновидност и да создаде насоки за нивна заштита, како и мапирање на делови со деградирано земјиште и насоки за ревизија на планот за управување со шуми.

  • Проектот ќе вклучи голем број експерти и приватни компании и граѓански здруженија. Тој ќе придонесе за подобро управување со животната средина во земјата и ќе овозможи спроведување на голем број национални закони, политики и стратешки документи, како Глобалниот стратешки план за биолошката разновидност и УНЦЦД Националниот акциски план - рече Геберт.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Македонија