Во селото Требеништа, општина Дебарца, во тек е реконструкција на водоводната мрежа.
Реконструкцијата предвидува изградба на нова водоводна мрежа со вкупна должина од 6,5 километри, изведена од полиетиленски цевки со дијаметар ф-110, ф-90 и ф-75 милиметри. Досега се поставени повеќе од два километри од предвидената водоводна мрежа.
Реконструкцијата на водоводната мрежа во Требеништа е дел од Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води" што се реализира со средства обезбедени од Европската инвестициска банка, во висина од 5,7 милиони денари.
- Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“ има за цел подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини и е дел од политиките на Владата на Македонија за рамномерен регионален развој. Неговата реализација значително ќе ги подобри квалитетот, ефикасноста, достапноста и сигурноста во овозможувањето на комунални услуги на населението, со што се дава позитивен импулс за натамошен развој на населените места во кои се рашава проблемот со водоснабдување - вели градоначалникот на Дебарца Игор Трајкоски.
Со реконструкцијата на водоводната мрежа во селото како и со новоизградениот резервоар за вода за пиење, трајно се решаваат долгогодишните проблеми на жителите на селото Требеништа со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на живот, како и поефикасно управување со ситемот за водоснабдување.