Турскиот филм „Турција, дом на тиркизот“ од режисерот Даган Џелаир е добитник на главната награда на меѓународниот фестивал за туристички и еколошки филмови „Силафест“ во Велико Градиште, Србија.
Како што соопштија организаторите, овој триминутен филм праќа порака за убавината на Турција како туристичка дестинација, прикажувајќи ги атракциите од нејзиниот тиркизен брег. Филмот е во продукција на турското Министерство за култура и туризам.
За најдобар туристички филм е прогласен „Магија на поларната ноќ“ на финскиот режисер Пека Хара. Во филмот се прикажува зимата во Финска, каде што снегот се задржува половина година, и светлото во овој период се појавува во необични бои и облици.
Најдобар српски туристички филм е „Дунав во Србија, 588 импресии“, на Срѓан Станковиќ. Овој филм е направен во продукција на Туристичката организација на Србија, и на креативен начин ги прикажува туристичките атракции низ 588-те километри оваа значајна европска река ги поминува низ Србија.
Во категоријата еколошки филм главната награда ја понесе „Како се прави древна шума - националниот парк Калкалпен“, на австриската режисерка Рита Шламбергер, во кој се обработува темата што би можеле да направиме за да го вратиме времето наназад и да ја вратиме природата во нејзината првична состојба.
Најдобар српски филм во оваа категорија е „Минијатурниот свет на српската природа - чудесниот свет на инсектите“, во кој се прикажува светот на инсектите што е невидлив за човековото око.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS