Бројот на заболени лица од вирусот на западнонилска треска во Србија е зголемен на 17 случаи, од кои два имале смртни последици, изјави денеска директорот на српскиот Институт за јавно здравје, Драган Илиќ.
- Ситуацијата е слична на онаа од 2014 година, кога имавме ист број на заболени - истакна Илиќ.
Тој нагласи дека симптомите се слични на грипот и се многу опасни за повозрасните луѓе и оние со слаб имунитет.
Што се однесува до вирусот зика, Илиќ истакна дека меѓу српските спортисти кои учествуваа на Олимпијадата во Рио не е регистриран ниту еден случај, но побара од нив да извршат испитувања во Институтот, со цел да се провери дали постои некаква инфекција. Досега 17 спортисти извршиле тестирања и нема ниту еден позитивен случај.
Во врска со мигрантската криза, тој додаде дека нема сериозни проблеми, но досега се регистрирани 10 случаи на маларија меѓу мигрантите.
- Засега е се` под контрола, правиме се за да не се појави некоја сериозна епидемија - изјави директорот на српскиот Институт за јавно здравје.