Во време кога се бараат порешителни акции во борбата против климатските промени, Косово е единствената држава во светот во која Светска банка финансира проект за термоцентрала, пишува лондонскиот весник Гардијан.
Весникот потсетува дека минатиот декември, американскиот државен секретар Џон Кери го прекинал своето присуство на климатскиот самит во Париз и отпатувал во Приштина за да го поддржи проектот за изградба на термоцентрала на јаглен, која по 11 години неуспешни тендерски процедури, ќе ја гради американска фирма. Иако многу држави продолжуваат да градат термоцентрали, фондовите за меѓународно финансирање на вакви проекти се крајно ограничени и Косово е редок исклучок, се нагласува во текстот на Гардијан. Косовските власти се убедени дека бордот на СБ ќе даде конечно одобрение.
- Косово е земја која е истовремено благословена и проколната поради своето богатство со јаглен. Тоа е валкан збор, валкана технологија. Но во моментов сме зависни од највалканата таква технологија од советски тип - изјавил косовскиот заменик-министер за надворешни работи Петрит Селими.
Новата термоцентрала треба да ја замени старата, која е голем загадувач.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS