Цариници на граничниот премин Батровци кај Хрватска спречиле обид за шверц на 54 отстрелани птици кои припаѓаат на заштитени видови.
Птиците се откриени во автомобил со италијански регистарски таблици со кој управувал италијански државјанин и кој патувал од Македонија кон Италија.
На дното од два ранци, во пластички ќеси, најдени се смрзнати 52 примерока од „Perdix perdix “ кои се полски еребици и два примерока од видот „Columba palumbus“ што е гулаб.
Патникот изјавил дека птиците ги отстрелал во Македонија и имал намера да ги однесе во Италија, но бидејќи немал никаква документација за птиците што ги пренесувал затоа и не ги ни пријавил.
Освен со одземање на мртвите птици патникот се соочува и со парична казна, но и со можност за кривична одговорност.