Укината е мерката забрана за движење на одделни моторни возила, по системот пар-непар што во Сараево беше воведена заради алармантното загадување на воздухот.
Таа беше во сила само два дена. Полицијата не ги казнуваше возачите кои не се придржуваа кон наведените правила, туку само пишуваше предупредувања.
За фирмите и организациите што не се придржуваа кон мерката беше пропишана парична казна во износ од 1.000 до 5.000 конвертибилни марки (500 до 2.500 евра), а за граѓаните од 500 до 1.000 конвертабилни марки (250 до 500 евра).
Мерката веднаш дала резултати бидејќи, судејќи според податоците од мерните станици, нивото на загаденост било намалено.
Забраната не се однесуваше на возилата на полицијата, Министерството за одбрана, на јавниот градски превоз, такси возилата, итната помош, пожарникарите, комуналните претпријатија, возилата на инспекциските органи и возилата со дипломатски таблички.