Дури 90 отсто од српските капацитети што имаат обврска да даваат годишни извештаи за своите емисии на штетни гасови, редовно и во зададените рокови ја исполнуваат оваа задача.
Ова го изјавиле од српската Агенција за заштита на животната средина на Србија за националната телевизија РТС. Такви капацитети во Србија имало вкупно 290. Според степенот на информирање, Србија е прва во регионот, а 14-та во Европа.
Кога станува збор за загадувањето, пак, тие податоци покажале дека дури две третини од постројките загадуваат над дозволените нивоа. Небојша Реџиќ, претставник на Агенцијата, истакнува дека најголемите загадувачи се термоцентралите.
- Тие почнаа да работат на намалување на емисиите во воздухот. Кај нас хемиската индустрија не е посебно развиена, но и таа придонесува, како и минералната и прехрамбената индустрија - додава Реџиќ.
Според системот „загадувачот плаќа“, термоцентралата „Никола Тесла“ за надомест за загадувањето во 2015 година платила над 18 милиони евра. Сите податоци од загадувачите во Србија се наоѓаат на интернет-порталот на Агенцијата, а тие се испраќаат и до Европската агенција за животна средина. Состојбата со информациите во Србија е многу подобра отколку во Македонија.
- Кај нас има 125 инсталации што треба да поднесуваат извештаи, но тоа го прават десетина, што е околу осум отсто - вели Кирил Ристовски од организацијата „Флорозон“ од Скопје, за РТС.
Магда Тот Наѓи од Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) вели дека најдобри регистри имаат Норвешка, Шведска, Холандија, Германија и Велика Британија, а во нашиот регион водечка е Србија.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS