Министерството за екологија на Бугарија ги потсетува општините дека имаат целосно овластување да го ограничат сообраќајот во градовите и на тој начин да се справат со загадувањето на воздухот.
Мерења во Софија покажале дека загадувањето на воздухот во градот е три пати помало во денови кога е ограничено движењето на автомобилите во центарот на Софија.
Општините имаат „експлицитни овластувања“ да направат зони со ниска емисија на штетни материи и во нив да го ограничат движењето на автомобилите со помала еврокатегорија, додаваат од министерството повикувајќи се на законски измени од 2015 година во Законот за чистотата на амбиентниот воздух.
- Но, таквите мерки досега не се применуваат во земјата. Во исто време во последните години идентични „зони со ниска емисија на штетни материи“ се воведуваат во бројни големи европски градови - посочуваат од Министерството.