Градските власти на Рим побаралеод Австрија да помогне во решавање на кризата со собирањето на комуналниот отпад и да преземе дел од собраното ѓубре во тој град.
Австрија веќе со години увезува отпад од Сицилија и од Неапол, но наскоро кон таа земја може да почнат да се упатуваат и возови со ѓубре од Рим. Годишно во Австрија на преработка пристигнуваат 200.000 тони отпад, најмногу од Италија, дури 160.000 тони.
Портпаролката на австрискиот министер за земјоделство и заштита на животната средина Андре Рупрехтер потврдила дека добиле барање и од Рим.
- Станува збор за 70.000 тони комунален отпад за постројките за термална рециклажа во Австрија. Го разгледуваме барањето од тејнички и од законски аспект - изјавила портпаролката Магдалена Рајшер-Вебер.
Австриските власти велат дека ќе разгледаат дали имаат капацитет да го преземат и отпадот од Рим. Ако планот добие зелено светло, отпадот ќе се носи со возови низ Северна Италија и Тирол. Италијанците исто така планираат да транспортираат околу 50.000 тони отпад во Германија.
Инаку римските улици, па дури и оние во близина на познатите споменици на културата, се често полни со ѓубре, а тој проблем е уште поголем по неодамнешниот штрајк на вработените во комуналната служба. Едно од предизборните ветувања на градоначалничката Вирџинија Раџи беше дека ќе го реши проблемот со отпадот. Нејзиниот план вклучува поефикасно собирање и рециклажа и спречување на дивите депонии. Раџи неодамна најави дека за чистење на градот би можело да се ангажираат и затворениците.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS