mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Развиен софтвер со кој ќе се следи риболовот во целиот свет

Развиен софтвер со кој ќе се следи риболовот во целиот свет

Типографија

Секој љубител на риба со пристап на интернет ќе може да провери од каде доаѓа неговиот денешен оброк и дали со него придонесува за прекумерно искористување на рибниот фонд, со новиот софтвер што го развива непрофитната организација Океана. Со растот на светското население расте и побарувачката за риба, што придонесе во изминативе децении драстично да се намали рибниот фонд. Бидејќи бројот на населението се очекува и понатаму да се зголемува и да достигне 9,7 милијарди луѓе до 2050 годиа, притисокот врз популацијата на рибите уште повеќе ќе се зголеми.

  • Во моментов има 450 милиони луѓе во светот на кои морето им е основен извор на храна. Овие 450 милиони оброци се под ризик. За да го решиме проблемот со прекумерниот риболов, вклучувајќи го и нелегалниот, сакаме да ја зголемиме транспарентноста во океаните - вели Ласе Густавсон, извршен директор на Океана.

Оваа меѓународна организација за заштита, заедно со Гугл и со групата Скај трут, во следниве недели ќе го издадат софтверот со кој ќе се следи риболовот во светот. Со него, јавноста, невладините организации, како и самите влади, ќе можат постојано да ги надгледуваат своите крајбрежни подрачја и територијални води, како и заштитените зони, да ги следат бродовите речиси во реално време, и да набљудуваат што прават бродовите кои пловат под одредено знаме. Се очекува тоа да биде особено корисно за земји што немаат доволно капацитет да патролираат во своите води, како Мадагаскар.

Во 1974 година прекумерниот риболов зафаќал 10 отсто од светскиот рибен фонд, додека во 2013 година тој процент веќе се искачил на 30. Со овој тренд тој фонд целосно би се исцрпил, но Густавсон вели дека бројноста на рибите може лесно да се врати ако местата за мрестење се добро заштитени, ако се воведат научни методи во планирањето на риболовот, како и ако се запре нелегалното ловење риба.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Свет