Големите сипаници, смртоносна болест што беше искоренета во 1977 година, можно е повторно да се врати бидејќи замрзнатите сибирски тундри го одмрзнуваат и го ослободуваат вирусот од телата на луѓето кои починале во големата епидемија од пред 120 години, предупредуваат стручњаците.
Некогаш оваа болест била една од најголемите закани за човештвото. Умирале повеќе од 30 отсто од заразените откако ќе се појавеле симптомите - висока температура и карактеристично гнојно осипување, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.
Се верува дека спорите на потенцијално фаталниот антракс од мртвите лица и елени кои се закопани во вечниот мраз веќе заразиле 254 пациенти, кои во моментов се наоѓаат во болницата во Салакардо, во близина на рускиот северен брег. Но експертите стравуваат дека постојат знаци дека најстрашното допрва доаѓа.
- Во текот на 1890-тите избила масовна епидемија на големи сипаници од која во еден град умреле околу 40 отсто од популацијата. Секако, телата се закопани во горниот слој од замрзната земја, на бреговите на реката Колиме. Сега, стотина години подоцна, надојдената река го еродира брегот - вели Борис Кершенголтс од сибирскиот огранок на Академијата за науки.
Одмрзнувањето на вечниот мраз го забрзува процесот на ерозија. Откако спори антракс беа пронајдени на Јамалскиот Полуостров, стручњаците од Центарот за вирусологија и биотехнологија од Новосибирск ја проверуваат ситуацијата со останатите болести. Тие пронашле човечки останки кои имаат рани што изгледаат како последица на големите сипаници. Иако стручњаците со заштитни одела не го пронашле самиот вирус, сепак, откриле делови од неговиот ДНК.
- Вечниот мраз во регионот Јакутија вообичаено се топи 30 до 60 сантиметри, но годинава се стопи повеќе од еден метар - тврди Михаил Григориев, заменик директор на Инсититутот за смрзнати површини.