Штотуку завршениот лет „Солар импулс 2” е навистина атракција, но ништо повеќе од тоа, објавува Дојче Веле во својата анализа. Според медиумот, во догледно време тоа нема да биде иднина на сообраќајот.
Дури може да се каже дека овој лет откри дека батериите никако не се дораснати на модерниот сообраќај.
- Да, точно е: двајца швајцарски пилоти Бернар Пикар и Андре Боршберг успеаја да го остварат својот сон, да го прелетаат цел свет на соларен погон. Појдоа во март минатата година и по 17 етапи и 510 часа лет, стигнаа во Абу Даби од каде и полетаа. Чиста романтика и навистина, причина за малку шампањ. Меѓутоа, по прославата време е за отрезнување - стои во текстот.
Како што се додава, авионот „Солар Импулс 2” и потфатот кој со него беше изведен не можат само така да се сврстат во галеријата на авијатичарските пионери во која се браќата Рајт и Чарлс Линдберг. Тие беа примери на динамичниот развој на индустријата кои во случајот на соларната енергија или електромобилноста се` уште не може ни да биде на повидок.
Понатаму, се вели дека огромната логистика што била потребна за овој лет покажува дека тоа не може да биде технологија за масовна употреба.
- Авиончето го обиколи светот бидејќи беше чедо на огромна мрежа обожуватели и донатори, опремено со комплексна модерна технологија. Швајцарските пилоти можеа да сметаат на контролата од земјата, сателитската комуникација, податоците за временските прилики, навигациската техника - продолжува медиумот.
Заклучокот, според анализата, е дека новите успеси во развојот на батериите не можат да ја замаглат поразувачката вистина: енергијата и понатаму убедливо е најефикасно складиште во течна или гасна форма, и така ќе биде уште долго време. Во превод, во класичното гориво, без разлика дали е биолошко или фосилно.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS