Долготрајни и обилни врнежи од дожд, за кои новозеландските медиуми велат дека „не се забележани 500 години“, наврнаа во поширокиот реон на градот Еџикјумб на Северниот Остров во Нов Зеланд, предизвикувајќи катастрофални поплави.
Според весникот „Њу Зиланд Хералд“ од Окланд, повеќе од 600 куќи се под големата вода, која достигнува и до два метри, а над 2.000 лица се итно евакуирани од своите домови.
Новозеландската метеоролошка агенција соопшти дека во реонот на најпогодениот град на Северниот Остров без прекин врнело 36 часа, предизвикувајќи локалната река и нејзините притоки нагло да надојдат и да се излеат.
Полицијата објави дека засега нема сознанија за човечки жртви, освен за едно лице кое се води како исчезнато.
Локалните власти ги демантираат пишувањата на социјалните мрежи за „масовни грабежи“ во Еџикјумб од оштетените и поплавени продавници и од напуштените домови.
Според весникот, обилни врнежи од дожд и поплави се регистрирани и во други делови од Северниот Остров.
Метеоролозите објаснуваат дека големото невреме на северот од Нов Зеланд е последица од циклонот „Деби“, кој на заминување поминал во тој дел од земјата, откако во австралиската сојузна држава Квинсленд предизвика големи поплави и досега однесе шест човечки животи.