Водата во реката Валира, која извира во Андора и тече низ Шпанија, доби силна светлозелена боја, што предизвика загриженост кај жителите на градот Сеу Дургел.
Но и покрај невообичаената појава, градоначалникот Алберт Батаја смирува дека водата не е отровна. Во писмено соопштение тој истакнал дека во реката била испуштена материја што била безбедна и за луѓето и за природата, за да се испита присуството на бактерии. Од таа материја водата добила флуоресцентна зелена боја.
Испитувањето се извршило откако минатата година имало епидемија од гастроентеритис во која се разболеле илјадници луѓе во Каталонија и во североисточна Шпанија. Изворот на епидемијата бил пронајден во фабрика за флаширање вода во близина на градот Сеу Дургел. Поради ова морале да се извршат неопходните тестови за да се утврди евентуалното штетно влијание од фабриката врз околината.
Батаја посебно истакнал дека бојата е сосема безопасна, не е отровна и е биоразградлива, и поради тоа жителите немаат потреба воопшто да се грижат. И Министерството за здравство на Андора потврдило дека била употребена боја за а се испита загаденоста на водата.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS