По одржувањето на предвремените парламентарни избори во Бугарија, можно е да стане збор за рестартирање на проектот за изградба на гасоводот „Јужен поток“, смета унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
- Мислам дека треба да ги почекаме изборите во Бугарија, за да видиме каква ќе биде бугарската поизиција. Враќањето во живот на проектот е во интерес на Унгарија. И не само на Унгарија, туку и на Србија, Босна и Херцеговина и на самата Бугарија - вели Сијарто.
Тој нагласи дека сите држави од Западен Балкан и од Централна Европа се заинтересирани за обнова на проектот „Јужен поток“.
Проектот „Јужен поток“ предвидуваше дистрибуција на природен гас од Русија преку дното на Црното Море до Бугарија, а потоа од таму преку Србија и Унгарија до Средна Европа, со можни краци кон Македонија и БиХ.
Во декември 2014 година Русија објави дека го откажува проектот „Јужен Поток“, поради спорот со ЕУ околу неговата изградба и ја најави изградбата на гасоводот „Турски поток“, кој треба да пренесува гас од Русија преку дното на Црното Море до северозападна Турција.