Научници откриле мочуриште во Конго кое содржи 30 милијарди тони јаглерод диоксид, што е еднакво на 20-годишните емисии на САД, и поради тоа мора да се заштити за да се спречи поголема штета по животната средина.
Научните тимови од Велика Британија и од Конго, кои го пронашле мочуриштето уште во 2014 година тоа е најголемото тропско мочуриште познато досега. Во него живеат ретки горила и шумски слонови. Научниците сметаат дека човеково влијание во ова место може да го ослободи заробениот гас, што би нанело катастрофални последици врз планетата.
- Овој вид мочуришта можат да помогнат во борбата против климатските промени само ако се остават негибнати. Затоа, одржувањето големи количества јаглерод диоксид заробен во нив треба да биде приоритет - вели екологот Сајмон Луис од Универзитето во Лидс, еден од авторите на студијата.
Бидејќи оваа локација е во многу далечен регион, во неа досега немало никакви човекови активности. Но научниците предупредуваат дека слични области веќе биле загрозени во Индонезија, поради ширењето на земјоделските површини.
- Во Југоисточна Азија веќе видовме дека области што порано беа далечни и негибнати, сега се пресушуваат и се претвораат во плантажи за палмино масло, ориз, и за други видови индустриско земјоделство - додава Луис.