Ауроч се видови говеда што биле високи колку слонови и живееле на европскиот континент 250 илјади години, се до изумирањето во 1627 година. Но приказната за најголемиот цицач на Европа можеби не е завршена. Научниците се блиску до решение како да го воскреснат.
Група генетичари уште од 2008 година одгледувале говеда наследници на аурочите и на слични видови говеда, обидувајќи се да пронајдат тревопасни животни што ќе се напасуваат на големи празни пространства, за да го спречат нивното опустинување.
- Но сега утврдивме дека можеме да направиме животно што е многу поблиску до аурочот, отколку што претходно мислиме - вели Роналд Годери, кој работи на овој проект, наречен Таурос.
Експертите предвидуваат дека може да добијат животно што е „речиси стопроцентна замена“ за аурочот за седум генерации отсега, или околу 2025 година. Говедата од четвртата генерација веќе се одгледувале во Хрватска, Шпанија, Португалија, Чешка и во Романија, и резултатите биле ветувачки.
- Има напредок не само во изгледот и во однесувањето на животните, туку и во нивната дедоместификација - вели Годери, додавајќи дека едно од нив веќе научило самото да се одбрани од напади на волци.
Научниците се надеваат дека со програмата ќе може повторно да создадат диви говеда што ќе станат дел од екосистемот и ќе помогнат во одржувањето на природната средина, со што ќе им овозможат подобри услови за живот на другите животни. Но не се сите ентузијасти околу идејата.
Претставници од Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) велат дека е нејасно дали воопшто денес може да се најдат поплавени шуми во какви што аурочите живееле порано, и дека е неизвесно какви негативни ефекти може да има нивното воведување во екосистемот врз дивите и домашните животни и растенија.
Фармер во Велика Британија во 2015 година морал да убие дел од своите говеда што биле потомци на аурочот, зашто станале опасни по животите на луѓето. Но неговите говеда влечеле потекло од програма за суперговеда што се спроведувала во нацистичка Германија, а чии потомци се уште се користат за борби во Шпанија.