Најголемите шумски пожари во историјата на Чиле досега ја предизвикаа смртта на седум лица, пеплосаа површини од 190 илјади хектари и „проголтаа“ цел град, пренесоа американските медиуми, повикувајќи се на локалните власти.
Пламените јазици ја проголтаа поштата, детската градинка и стотици домови во градот Санта Олга, на 360 километри јужно од престолнината Сантијаго. Неколкуте илјади жители неповредени успеале да го напуштат градот.
Брзо ширечките пожари во последните неколку недели уништија огромни шумски површини и зедоа седум жртви, вклучувајќи и пожарникар и двајца полицајци.
Само за една недела огнот пеплоса приближно 190 илјади хектари, главно во централниот дел на Чиле.
Илјадници луѓе се евакуирани.
За ширењето на пожарите придонесуваат силните ветрови, високите температури и продолжената суша.
Во борбата со огнот учествуваат приближно четири илјади пожарникари, војници и доброволци.
Од САД во земјата пристигна авионот „Боинг 747-400 Супертанкер“ за да помогне во совладување на пожарите. Најголемиот авион за борба со пожарите во светот има капацитет од 73 илјади литри течност за гасење пожари или вода.
Чилеанската претседателка Мишел Бачелет разбеснетите пожари ги нарече „најтешката шумска несреќа“ во историјата на земјата.