Американската влада ја обвини и компанијата Фиат-Крајслер дека софтверот вграден во некои од нејзините дизел-возила не открива дали тие емитуваат повеќе штетни гасови отколку што е дозволено со американските закони.
Според Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА), станува збор за вкупно 104 илјади возила со трилитарски мотори, произведени од 2014 година, кои ги вклучуваат марките Џип, Гран Чироки и Рем.
- Непријавувањето на софтверот што влијае врз емисијата на издувни гасови во моторот на возилата е сериозно прекршување на законот, што може да доведе до штетно загадување на воздухот што го дишеме - изјавила Синтија Гајлс, помошник-администратор во ЕПА.
Од компанијата ги негирале обвинувањата и изјавиле дека системите за контрола на загадувањето одговараат на прописите. Но ЕПА соопштила дека ќе продолжи со истрагата за да утврди дали станува збор за измама, односно дали софтверот бил направен на тој начин за да им овозможи на возилата да загадуваат повеќе. Оттаму додале дека во разговорите што ги имале со компанијата минатата година, немало соодветно објаснување зошто не бил пријавен проблематичниот софтвер.
По објавувањето на одлуката на ЕПА, акциите на Фиат-Крајслер паднале за 16 отсто.