Како последица на хипотермија предизвикана од поларниот студен бран што зафати поголем дел од Европа, само во последниве неколку дена починаа најмалку 60 лица.
Најмногу жртви, 24, има во Украина, 10 во Белорусија, по шест во Полска, Романија и Словачка, а во земјите од западен Балкан студот однесе најмалку седум нови жртви.
Во Полска, која е најтешко погодена од поларниот студ со температури под минус 20 степени Целзиусови, само во последниве 48 часа починаа уште шест лица.
Ист број на жртви од хипотермија, според податоците на романското Министерство за здравство, се регистрирани и во Романија.
Во земјите од западен Балкан само во последниве 24 часа се регистрирани седум нови жртви на хипотремија, од кои тројца во Србија.
Жртви на студеното време, главно бездомници и мигранти, се регистирани и во Албанија, Бугарија, Италија и Чешка.
Српската државна телевизија РТС јави дека во селото Смолинац во источна Србија, маж паднал во бунар и таму останал два дена на температура од под минус 20 степени, за на крајот да биде пронајден и спасен од негов сосед.
Од вчера е забранета пловидбата по реките Дунав и Сава, поради појава на парчиња мраз на речните површини, а поради силниот ветер затворени за сообраќај беа и пристаништата во западниот дел на Црното Море.
Грчката Воена морнарица од Атина кон Лезбос упати брод, со кој треба да бидат евакуирани најмногу 500 бегалци и мигранти, кои се сместени во шатори во бегалскиот камп на овој остров.
Во делови на Грција, влучително и во реонот на Солун, е прогласена вонредна состојба, а во Атина не работат училиштата и дополнително се отворени над 10 центри за згрижување на бездомниците.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст апелираше до граѓаните добро да се заштитат од ниските температури и да не излегуваат надвор без поголеми потреби. Комитетот им препорача на жителите на Европа да направат резерви на храна и вода за пиење и редовно да ја следат временската прогноза.
Според метеоролозите, се очекува во следните денови температурата на воздухот во некои делови на Европа да се спушти и до минус 40 степени.