Засилената изградба на патишта ја поделила површината на Земјата на околу 600.000 парчиња, од кои повеќето се премногу мали за во нив да се развива дивиот свет, покажала една нова студија.
Истражувачите предупредуваат дека има се` помалку области без патишта и дека е потребна итна акција за да се заштитат овие парчиња дивина, од кои човештвото зависи за обезбедување чист воздух и вода.
Според научниците, последиците од пробивањето патишта не се само директни, како сечењето на шумите, поделбата на живеалиштата за животните или олеснетото ширење на смртоносни штетници. Тие додаваат дека патот ги олеснува условите за експлоатацијата од луѓето, како за сечење на шумите, криволов, ископување суровини и изградба на нова инфраструктура.
Меѓународен тим од истражувачи ги анализирал податоците за 36 милиони километри патишта и утврдил дека повеќе од половината од 600.000-те парчиња земјиште меѓу нив се многу мали, помали од еден квадратен километар. Само седум отсто од нив се поголеми од 100 квадратни километри, што е еднакво на површина од десет на десет километри. Понатаму, само една третина од областите биле вистинска дивина, а во другите се развиле човекови активности како земјоделство и други.
Последните големи парчиња земја без патишта се наоѓаат во дождовните шуми во Амазон и во Индонезија, како и во тундрите и во шумите на северот од Канада и од Русија. Научниците сметаат дека покрај секој пат се нарушува подрачје од по еден километар лево и десно од него. Дури ова се смета за најоптимистичка процена.
Вкупната должина на патиштата во светот се проценува дека ќе порасне за повеќе од 60 отсто до 2050 година, истакнуваат истражувачите, додавајќи дека во моментов само пет отсто од областите што не се нарушени со патната инфраструктура, само 50 отсто се ставени под некаква законска заштита.
- Како што патиштата продолжуваат да се шират, потребна е итна глобална стратегија за ефективна заштита, обновување и за следење на областите без патишта и на нивните екосистеми. Ги повикуваме владите да го избегнуваат градењето патишта во далечни ненаселени области, кое освен што е сакпо, е уништувачко за животната средина - вели професорот Пјер Ибиш, кој учествувал во изработката на студијата.
Според него, нивните наоди се базираат врз податоците за патишта што ги пронашле, а ситуацијата на теренот е многу полоша бидејќи многу патишта воопшто не се мапирани.