И покрај големите политички несогласувања, канадската влада постигнала договор со 8 од 10-те провинции на државата да воведат данок за испуштање јаглерод диоксид.
Со оваа мерка, според премиерот Џастин Трудо, земјата ќе може да ги исполни своите обврски од меѓународниот климатски договор.
Провинцијата Саскачивен, која е голем производител на енергенси, не сакала да го прифати данокот, сметајќи дека тој ќе ги направи канадските компании неконкурентни на пазарот, откако новиот претседател на САД Доналд Трамп се очекува да ги намали овие давачки за американските компании.
Данокот на јаглерод диоксид е дел од поширок рамковен план со кој Канада треба да ги достигне целите утврдени на Парискиот климатски самит. Во тој пакет е и поттикнување на употребата на обновлива енергија и инвестиции во чисти технологии. Според Трудо, овој план треба да ја заштити околината и да го забрза економскиот раст истовремено.
Со планот, во 2018 година испуштањето еден тон јаглерод диоксид треба да чини 10 канадски долари, и секоја година да се зголемува за по 10 долари се до 2022 година, кога треба да се постигне максималната цена од 50 долари за тон.