Сите производители на нафта надвор од ОПЕК, кои учествуваа на средба во Виена, ја потврдија подготвеноста да го поддржат картелот, соопшти иранскиот министер за нафта Биџан Намдар Зангане.
- Земјите надвор од ОПЕК ќе започнат да го намалуваат производството од 1 јануари 2017 година, како и земјите членки на организацијата - рече Зангане.
Претходно рускиот министер за енергетика Александар Новак изјави дека Москва е подготвена да го намали нафтеното производство за 300 илјади барели на ден.
- Учесниците на средбата се оптимисти, нема ризици за неуспех на договорот - истакна ирачкиот министер за нафта Џабар ал Лаиби.
На 30 ноември, првпат по осум години, ОПЕК одлучи да го намали производството на 32,5 милиони барели дневно. Така, од 1 јануари 2017 година, производството на членките на картелот ќе се намали за 1,164 милиони барели на ден.
Сега претстои таков договор да биде склучен и со производители надвор ОПЕК, од кои се очекува да го намалат производството за 600 илјади барели дневно од 2017 година. За Русија, овој индикатор треба да биде 300 илјади барели.
Целта е да се поддржи цената на оваа суровина, која значително се намали.
- Венецуела се надева да свика состанок на ОПЕК со земјите надвор од картелот во средината на февруари, за да биде разгледана формулата на стабилизирање на нафтениот пазар - изјави венецуелскиот министер за нафта и рударство Еулохио дел Пино.