Од следната година центрите за база на податоци на Google, како и канцелариите за 60 илјади вработени ќе се напојуваат целосно од обновливи извори на енергија. Самата компанија го дефинира овој чекор како „извонреден момент“.
Google и сега е најголемиот корпоративен купувач на електрична енергија од обновливи извори во светот, откако минатата година 44 отсто од енергијата беше од ветер и соларни паркови. Од 2017 година таа енергија ќе биде веќе 100 отсто. Од Управувачкиот орган на Google велат дека не ја исклучуваат можноста и за инвестиции во нуклеарна централа во иднина.
- Убедени сме дека овој чекор е добар за бизнисот, не станува збор за greenwashing. Се почесто се случува обновливата енергија да е најевтина опција - објаснува Марк Оман од Google и нагласува дека основачите на компанијата се убедени дека климатските промени се реални, непосредна закана, па треба да дадеме свој придонес.
Најголемите потреби на компанијата за енергија се поврзани со центрите нејзината база на податоци. Google признава дека овие потреби се зголемуваат и покрај обидите за подобрување на ефикасноста.
Во 2015 година Google купила 5,7 терават-часови електрична енергија од обновливи извори - малку помалку од енегријата генерирана од сите соларни панели во Британија оваа година.