Премиерот на Канада Џастин Трудо им наредил на провинциите да воведат шема за наплатување на емисиите на јаглерод диоксид до 2018 година. Во спротивно, тој најавил дека федералната влада, на чие чело е, ќе им го воведе тоа.
Трудо додал дека секоја провинција ќе има можност да направи свој систем за тоа како ќе го наплатува испуштањето јаглерод диоксид, но дека ќе има минимална цена што ќе ја определи федералната влада, и таа ќе мора да се почитува.
- Ако ниедна мерка не се спроведе до 2018 година во некоја провинција, владата на Канада ќе ги воведе таму - рекол тој.
Канада се обврзува до 2030 година да ги намали емисиите на јаглерод диоксид за 30 проценти од нивото во 2005 година. Според Трудо, цената треба да почне од 10 долари за тон во 2018 година и да се подигнува по 10 долари секоја година се до 2022 година, кога ќе се постигне конечната цена од 50 долари за тон. Тој смета дека планот ќе биде добар за економијата, за развојот на нови технологии и за креирањето нови работни места.
Конзервативниот пратеник Ед Фаст го критикувал пристапот на Трудо дека сака целосно да им ја наметне својата волја на провинциите. Од друга страна, лидерката на Зелената партија Елизабет Меј го поздравила лидерството што владата го покажала на минатогодишниот самит во Париз, но упатила критики дека наместо да се постават нови цели до 2030 година, се прифатиле оние што биле поставени од претходната, конзервативна влада на Стивен Харпер.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS