За луѓето, полжавот Џереми не изгледа воопшто различно од другите полжави. Но во неговиот свет на полжавите, тој е вистинска реткост.
Поради генетска мутација, неговата куќичка не се извртува во правец на стрелките на часовникот, туку во спротивниот. Тоа значи дека и неговите полови органи се на спротивната страна од неговото тело во споредба со другите полжави. Затоа за него било речиси невозможно да најде партнерка за парење, бидејќи тоа било физички неизводливо меѓу него и другите полжави.
За Џереми се грижи Ангус Дејвидсон од Универзитетот на Нотингем во Англија, кој заедно со својот тим се обидува да открие што ја предизвикува оваа аномалија, која се случува еднаш во 100.000 случаи. Еден од најдобрите начини да се дојде до ова откритие е да се испитува подмладокот на полжавот, но за тоа да се оствари требало да се најде друг „обратен“ полжав. Дејвидсон побарал од корисниците на Твитер да му помогнат во потрагата.
- Воопшто не знаевме колкави се шансите за ова да успее. Но успеа, и најдовме два полжава - изјавил Дејвидсон.
Еден од полжавите се вика Лева и е милениче на жена од Ипсвич во Англија. Другиот, пак, бил најден на фарма за полжави на шпанскиот остров Мајорка. Фармерот го забележал необичниот изглед на полжавот непосредно пред да го зготви заедно со други полжави.
Досега Џереми ја запознал само Лева, и се чини дека ќе се спарат. Процесот е мошне необичен и бидејќи полжавите се хермафродити, односно имаат и машки и женски полови органи, и двата ќе родат подмладок по тој чин. Иако полжавите поради оваа карактеристика можат да се размножуваат и без партнер, тоа ретко се случува.
Научниците ги интересира дали подмладокот што би произлегол од Џереми и Лева исто така ќе има куќички во правец спротивен од стрелките на часовникот. Податоците што може да се добијат со испитувањето на оваа аномалија може да помогнат во истражување на генетските мутации кај голем број животни, вклучувајќи ги и луѓето.
Без разлика на исходот од контактот со Лева, тимот на Дејвидсон планира да го спари Џереми и со шпанскиот полжав.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS