Првиот бран цунами дојде до Јужниот остров на Нов Зеланд, по денешниот земјотрес со интензитет од 7,8 степени по Рихтеровата скала, соопшти преку Твитер локалната Канцеларија за цивилна одбрана, пренесе ТАСС.
- Првиот бран дојде до североисточното крајбрежје на Јужниот остров - се вели во пораката на Твитер, без да се прецизира дали има жртви и разурнувања.
Јужниот остров, со површина од околу 151 илјади километри квадратни, е најголемиот во Нов Зеланд, со население од околу 1,1 милион луѓе. Епицентарот на потресот е регистриран на 53 километри североисточно од градот Амберли и на околу 90 километри на север-североисток од градот Крајстчерч, на длабочина 23 километри. Првично интензитетот на земјотресот беше соопштен дека е 7,4, но подоцна соодветните служби информираа дека станува збор за земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала.
Цивилната одбрана на Нов Зеланд предупреди на опасност од цунами на источниот брег на Јужниот остров. Новозеландскиот весник НЗ ералд“ пренесе дека, според очевидци, забележан е бран цунами со височина од два метри кај градот Каикоура. Цивилната одбрана ги советуваше жителите на источниот брег на Јужниот остров да се поместуваат кон север, дополнувајќи дека се уште е рано да се процени штетата и да се соопшти дали има повредени во земјотресот.
Премиерот на Нов Зеланд Џон Ки на Твитер изрази надеж дека сите се на безбедно по земјотресот и оти Цивилната одбрана ја проценува штетата. Во главниот град Велингтон, луѓето излегоа на улиците, се слушаат сирени и владее голема вознемиреност.
- Цела куќа се поместуваше како змија, некои работи се искршени, а снема и струја - изјави жителка на Такаке, градот кој е речиси на врвот на Јужниот остров.