Вирусот на птичји грип бил пронајден во телата на угинатите патки во близина на границата на Австрија со Германија и Швајцарија, соопштиле австриските власти. Тие додале дека нема показатели дека вирусот може да им биде пренесен на луѓето.
Според портпаролот на Министерството за здравство, вкупно пет патки биле пронајдени заразени со поттипот Х5Н8 на птичјиот грип, во езерото Констанца. Тој додал дека се вршат дополнителни испитувања и потоа ќе се одлучи какви чекори ќе се преземат понатаму.
Дивите птици што мигрираат може да го пренесат вирусот на живината што се одгледува во фарми. Затоа веќе се преземаат мерки за заштита на домашните птици во сите три држави околу езерото Констанца, Австрија, Германија и Швајцарија. Тие во меѓусебна координација може да одлучат да им забранат на фармерите да ги пуштаат своите птици надвор.
Минатата недела унгарската државна служба за безбедност на храната открила присуство на птичји грип на фарма во Источна Унгарија и донела одлука да се уништат околу 9.000 мисирки за да се заштитат другите птици. И во тој случај станувало збор за вирус што е безопасен за луѓето.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS