Претседателот на Танзанија Џон Магуфули им наредил на безбедносните сили на земјата да ја заострат потрагата по главните организатори на мрежите за лов на слонови, нагласувајќи дека никој не смее да биде недопирлив.
Оваа држава во Источна Африка е дом на познатиот национален парк Серенгети, кој е полн со различни животински видови, како и на планината Килиманџаро. Нејзината економија многу се потпира на приходите од туризмот и од сафари турите, но во последниов период се соочува со проблемот со криволовците што ги ловат слоновите за да ја продаваат слоновата коска, главно во Азија.
- Јас сум со вас. Уапсете ги сите што се вклучени во оваа нелегална трговија, никој не треба да биде поштеден без оглед на неговата позиција, возраст, религија или популарност. Тргнете по нив, за да ги заштитиме нашите слонови од убивање - им порачал Магуфули на безбедносните сили.
Тој ја издал оваа директива откако го посетил Министерството за природни ресурси и туризам, каде што видел 50 парчиња слонова коска запленети од ловокрадци.
- Ова е недопустливо. Не смееме да дозволиме нашите природни ресурси да се загубат поради алчноста на малкумина - додал претседателот, истакнувајќи дека ќе продолжи да ја поддржува работата на танзаниската Национална и прекугранична единица за истраги за сериозен криминал.
Криволовот бележи раст во субсахарска Африка во последниве години, каде што добро вооружени криминални банди ги убиваат слоновите за нивните заби и носорозите за нивните рогови. Во Танзанија популацијата на слонови се намали од 110 илјади во 2009 на само 43 илјади во 2014 година. Бројот на носорози е многу помал и тие се загрозени. Според заштитарите, криволовот веќе достигнал индустриски размери.
Тимот на Националната и прекугранична единица на Танзанија е составен од кадри на разузнавачката служба, полицијата, војската, имиграциската служба, судските органи и на службата за дивиот свет. Досега уапсил повеќе од 870 криволовци и трговци со слонова коска, и запленил околу 300 парчиња оружје. Во октомври минатата година обвинителите подигнале обвинение против кинеската бизнисменка Јанг Фенг Глан, наречена „кралица на слоновата коска“. Таа ги отфрла обвиненијата.
Магуфули неодамна го разреши директорот за криминални истраги во полицијата, Дивани Атхумани, без да наведе причина. Извори од полицијата рекле дека претседателот не бил задоволен од напредокот во борбата против криминалот, вклучувајќи го и шверцот на слонова коска.