Документарниот филм „Пред поплавата“ (Before the Flood) на режисерот Фишер Стивенс, со Леонардо ди Каприо како наратор, е достапен на јутјуб-каналот на Нешнел Џиографик за бесшлатно гледање.
Гледачите од целиот свет ќе можат да го видат овој филм на интернет само еден ден откако тој премиерно беше емитуван на телевизијата, во неделата на 30 октомври.
Во филмот се зборува за климатските промени и последиците од нив, и се повикува на итна акција за справување со последиците од нив, како поплавите, долготрајните суши, шумските пожари и другите опасни временски непогоди. Освен Ди Каприо, во него е вклучен и Мартин Скорсезе како извршен продуцент, а како соговорници, меѓу другите, се појавуваат американскиот претседател Барак Обама, папата Франциск и иноваторот Елон Муск, сопственикот на „Тесла моторс“.
Во првите часови по објавувањето на јутјуб-каналот на Нешнел Џиографик, филмот веќе имаше над еден милион прегледи.
- Сакавме да создадеме филм што ќе им ја долови на луѓето итноста на ситуацијата, што ќе ги натера да сфатат што треба да направиме за да го решиме овој проблем. Го отвораме прашањето за јаглероден данок, на пример, нешто што не сум го видел во многу документарци. Во суштина, треба да ја отфрлиме капиталистичката економија и да се обидеме да инвестираме во обновлвиви извори на енергија. Ова се потези што навистина можат да направат голема разлика - вели Ди Каприо за својот проект.
Тој додава дека веќе помина времето за едноставни индивидуални акции и дека треба да се користи моќта на гласот за да се постигнат промените.
- Не можеме да си дозволиме политички лидери што не веруваат во современата наука и во емпириската вистина. Не можеме да го губиме времето со луѓе што избираат да им веруваат на оние два отсто научници што практично се купени од лобисти и од нафтени компании. Тие живеат во каменото време. Во мрачното време. Ние мораме да одиме кон иднината - повикува Ди Каприо.