Климатските промени може да принудат милони луѓе да станат бегалци и да предизвикаат поголеми воени конфликти што целосно би го дестабилизирале светот.
Ова го изјавил генералот Мунир Мунирузаман, претседател на Глобалниот воен совет за климатски промени. Според Мунирузаман, државите што ќе се обидат да одговорат на оваа криза следејќи ги своите, како што вели, тесни националистички инстинкти, односно преку подигнување огради и ѕидови за да ги запрат бегалците, само ќе ги влошат работите.
Тој додал дека и досега многу се зборувало за безбедносните ризици од глобалното затоплување и за можните решенија, но на теренот речиси ништо не се работело.
Глобалниот совет е основан во 2009 година за да ги истражува безбедносните последици од климатските промени, а негови членови се активни и пензионирани високи офицери од многу земји во светот.
Генералот Мунирузаман, говорејќи во пресрет на климатскиот самит во Маракеш, Мароко, рекол дека е време да се остварат ветувањата дадени на минатогодишниот историски самит во Париз, бидејќи последиците од климатските промени, како поплавите и сушите, ги загрозуваат човековото здравје и финансиската сигурност.
- Според резултатите од нашите анализи, ризикот од климатските промени е распространет насекаде, бидејќи засега многу сектори. Во некои делови од светот овие проблеми стануваат толку големи што создаваат огромен потенцијал за конфликти - вели генералот.
Тој потсетил дека неодамна Индија и Пакистан, земји кои се традиционални непријатели и кои имаат голем нуклеарен ассенал, се судриле околу извори на вода. Проблемот бил решен дипломатски, но постоел ризик дипломатијата да потфрли, што ќе довело до првата поголема војна за вода во светот. Дури и настаните од Арапската пролет и сириската граѓанска војна се поврзуваат со ефектите од климатските промени, како сушите и намалените приноси во земјоделството.
Генералот Мунирузаман истакнал дека, според процените, околу 20 отсто од територијата на Бангладеш ќе биде поплавена до 2050 година поради растот на нивото на морињата, што ќе принуди оолу 30 милиони луѓе да бараат ново живеалиште.
- Замислете како ќе изгледа тоа, кога меѓународната заедница одвај се справува со неколку илјади сириски бегалци. Замислете што ќе се случи кога милиони луѓе ќе тргнат во бегство. Затоа цврсто стојам на тоа дека градењето ѕидови никогаш не може да биде решение. Не можете со ѕидови да ги спречите луѓето што бегаат од опасност. Тие секогаш ќе најдат начин да поминат. Затоа, наместо тоа, подобро е светот да најде меѓународни механизми со кои ќе овозможи масовните преселби да се одвиваат мирно. Сакам да ги потсетам сите дека веќе многу доцниме со барањето решенија за проблемите што ни се очигледни. Многу често се преправаме дека не го гледаме тоа што се случува - предупредил Мунирузаман.