Цената за изградба на соларни централи се намалила за 25 отсто во последниве пет месеци, според два неодамнешни тендери во Кина и во Абу Даби.
Ова намалување е дел од поголем тренд со кој оваа технологија станува подостапна.
- Изгледа дека влеговме во нова ера на производството на обновлива енергија. Во последните неколку месеци цената на соларната енергија опадна, и изгледа дека така ќе остане. Не гледам причина зошто таа повторно би се зголемила - вели поранешниот директор на Масдар Клин Енерџи, Франк Ваутерс.
Очекувањата се дека неговото предвидување е особено остварливо ако владите и иноваторите продолжат да инвестираат во оваа технологија како и досега.
Во последниве пет месеци вниманието го привлекле необично ниските понуди на тендерите за изградба на соларни централи во Кина и во Абу Даби. Се смета дека кон тоа придонеле повеќе фактори. Во Кина соларната енергија се субвенционира. Во Абу Даби, пак, соларните панели произведуваат повеќе енергија отколку на други места, бидејќи градот има добра изложеност на сончева енергија. Но Абу Даби не е единственото место со идеални услови.
Минатата година Коста Рика се снабдуваше со енергија од обновливи извори вкупно 299 дена во годината. Оваа година веќе надминаа 150 дена. Овој и други успешни примери не се резултат само на локацијата на земјите, туку повеќе на решителноста на владите да ги исфрлат од употреба фосилните горива. Нови проекти се туркат и во САД, Чиле, Индија и во други земји. Исто така, се повеќе компании работат на ова поле и развиваат нови технологии.