Високиот исламски совет на Индонезија издаде фатва за палењето на земјата и на шумите, како дел од напорите во соработка со Владата да се намали отровниот смог што го покрива регионот секоја година.
Фатвата не е легално обврзувачки акт, но нејзината цел е да ги обесхрабри компаниите-сопственици на плантажи, како и индивидуалните фармери, од палење на своите земјишта за да ги исчистат по жетвата.
- Се одржа средба меѓу министерот за животна средина и индонезискиот совет на свештеници, кој ја издаде фатвата со број 30/2016 против палење земја и шуми. Со тоа, советот го прогласува тој чин, со кој се предизвикува голема штета врз животната средина, за нелегитимен - изјави портпаролот Новризал Тахар.
Секоја година Индонезија се соочува со критики од соседните држави како Сингапур и Малезија бидејќи смогот од шумските пожари се прелева и кај нив и ги загадува нивните градови. Минатата година регионот се соочи со едни од најголемите пожари во својата историја, а штетата врз животната средина се проценува на милијарди долари. Штети имаше и поради откажувањето на летовите, прекините на учебната година, и илјадниците заболени од болести на дишните органи.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS