Во рамки на традиционалната манифестација „Денови на пролетта - Денови на екологијата“ Град Скопје објави јавен конкурс за избор на најеколошка компанија, за најголем придонес во заштитата на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција/стопански објект и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта.
Пријавувањето трае до 16 мај годинава. Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица треба да се достават по пошта на адресата Град Скопје - Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден број 82 или во архивата на Градот, како и на телефонскиот број 02/3297-273 и 3297-304.
За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45 илјади денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40 илјади денари.
За четвртата и петтата категорија се предвидени по две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10 илјади денари.
Разгледувањето на пристигнатите пријави и одбирањето на кандидатите го врши соодветна комисија, која Град Скопје ја формира од претставници на вработените во секторите на Град Скопје и невладините организации.