mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Целосно искористување на парното во Скопје ќе доведе до помало загадување

Целосно искористување на парното во Скопје ќе доведе до помало загадување

Типографија

Целосното искористување на централниот топловоден систем за греење во Скопје ќе придонесе за намалување на цената на услугата за корисниците за околу 25 отсто, ќе овозможи развој на когенеративното производство на топлинска и електрична енергија и зголемување на употребата на природен гас, а истовремено ќе значи и намалување на загадувањето.

Ова е еден од главните заклучоци на студијата „Дефинирање на техно-економски оптимална и еколошки одржлива структура на греење и имплементирање на централно снабдување со санитарна топла вода на градот Скопје“ изработена од Машинскиот факлутет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ).

  • Предмет на студијата е споредбена анализа помеѓу 12 различни начини на греење кои се прилагодливи или веќе ги има во Скопје и во други урбани средини. Резултатите од анализата покажуваат компаративна предност на централизираниот топловоден систем за греење кој е раширен и има можност за дополнително ширење во одредени делови на градот. Таму кајшто е помал топлинскиот конзум конкурентни се и други системи  за греење со инвертер клима уреди, со топлински пумпи и гасни котларници за поединечни објекти - вели професот Ристо Филкоски од Машнискиот факултет.

Тој нагласи дека концептот разработен во студијата покажува и одредени еколошки погодности, односно би довел до намалување на загадувањето во градот за одреден временски период.

Професорот Константин Димитров од МАЦЕФ посочи дека во студијата е обработен и проблемот со централизирано снабдување за подготовка на санитарна топла вода, преку што може да се намали потрошувачката на електрична енергија.

  • Кога имаме централизирано греење концентрацијата на  честички по метар кубен воздух е во дозволени рамки. Идејата ни е да се зголеми потрошувачката на топлинска енергија централизирано произведена и да се намали потрошувачката на електрична енергија со што глобално на ниво на држава ќе се намали загадувањето исто како и на локално ниво во градот - рече Димитров.

Тој посочи дека ќе бидат потребни поголеми финасиски средства веднаш да се вложат за да се обезбеди санитарна топла вода во секое време во домаќинствата, но тоа, како што кажа, долгорочно е поевтино отколку да се добива со електрична енергија.

Резултатите од студијата се совпаѓаат со претходно изработени студии и испитувања кои покажаа дека користењето на нееколошки средства за затоплување на домовите, пред се дрвата и јагленот, се еден од главните причини за проблемот со енормна загаденост на воздухот во Скопје во текот на грејната сезона. Во студијата се наведува дека зголеменото ниво на концентрации на цврсти честички во воздухот во Скопје, особено во зимскиот период, се должи и на условите во сообраќајот кои, како што се посочува, диктираат режим на работа на возилата кој е еколошки неповолен и продуцира поголемо количество на цврсти честички и други штетни материи, пред се при возење на кратки релации и во услови на сообраќаен метеж. Зголеменото загадување се должи и на згуснетите урбанистички решенија, зголемениот број на жители и други последици од неприродното растење на градот, како и од појавата на температурна инверзија карактеристична за котлините.

Во студијата има предлог концепт за развој на грејната структура во Скопје составен од краткорочен, среднорочен и долгорочен план со преглед на потребните инвестиции за реализација.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS

Најпопуларни вести во категорија Скопје