Сечата на тополите и сувите дрвја во Градскиот парк 2 од минатата недела е согласно Програмата за одржување јавни зелени површини и сечење дрвја.
Сечата, појаснува Душан Авировиќ, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, е поради повеќекратната штетност што ја прават тополите и сувите дрвја и поради потребата од дрвна маса за загревање на пролетниот расад цвеќиња кое се врши со дрвјата што Јавното претпријатие ги сече во Скопје, а не подлежат на издавање каков било документ за нивно отстранување.
- Во текот на оваа недела ќе продолжиме исклучиво со сечење на тополи и суви дрвја, за кои не е потребна никаква документација - појасни Авировиќ и додаде дека со Градот се договориле при секоја акција на „Паркови и зеленило“ да има претставник од Секторот за комунални работи при Град Скопје.
Првиот човек на Јавното претпријатие информираше дека во изминатите осум години во Град Скопје се исечени 800 тополи, а во урбаниот дел се останати уште 70, кои пак се вметнати во програмата за отстранување во 2017 година. Минатата недела во Градскиот парк 2 исечени се пет тополи и три суви дрвја, платан, липа и јасен.
- Според програмата за оваа година имаме предвидено 4.040 високо квалитетни садници да ги увеземе и да ги посадиме. Во текот на есенската акција засадивме 2.020 увезени садници и 3.000 произведени во расадникот на Јавното претпријатие - истакна Авировиќ.
Тој појаснува дека садниците ќе бидат посадени во урбаните средини, но и дека во план е подготовка на Програмата за пошумување на парк шумата Водно и паркот на природата Гази Баба.
Директорот информираше дека од деградираните дрва Јавното претпријатие трпи големи штети, а најчесто од паднатите дрвја од појавата на невреме што, како што рече, се почесто се случува во Скопје.
- Доколку некое дрво падне врз некое возило и тоа е означено за сеча, целокупната штета паѓа на товар на Јавното претпријатие, истакна Авировиќ и појасни дека доколку дрвото не е обележано, а падне врз возило, тие ќе побараат информација од УХМР за брзината на ветрот и доколку тој е над 80 километри на час штетата ја презема „Комунална хигиена“.
Минатата година Јавното претпријатие исплатило 960 илјади денари обесштетување за паднати дрва врз возила.