Група граѓани која се нарекува „Урбани уметнички акции“ постави кабини за дишење чист планински воздух на две локации во Скопје.
Едната е кај пазарчето Буњаковец, а другата во населбата Аеродром. Ова е најновата од серијата уметнички герила-акции што ги спроведе групата во градот.
До секоја кабина има вреќа со „свеж планински воздух, збогатен со О2“. Внатре, пак, стои упатство за користење, според кое 4-5 пати се вдишува нормално, а потоа 2-3 пати длабоко, како и дека еден третман ги задоволувал потребите за кислород за следните шест до десет часа.
Во упатството стои и дека „природниот кислород може да предизвика вртоглавица и чувство на замаеност“, но и дека граѓаните не треба да се грижат зашто симптомите ќе исчезнеле кога повторно ќе се вдишел загадениот воздух.
Поставувањето на кабините е протест поради огромното загадување на воздухот во главниот град, кое во изминатите неколку дена достигна вредности и 20 пати над максималните препорачани од Светската здравствена организација.