Биотехничкиот факултет од Битола ја почна втората фаза од реализацијата на проектот „Тера-Мед“, финансиран од програмата ИПА за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција.
Проектот почна минатата есен, а ќе заврши во јануари 2017 година до кога треба да заврши анализата на почвата во Пелагонија со посебен акцент на земјата околу РЕК Битола, информира Биотехничкиот факултет, кој работи во рамки на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола.
- Експерти од двете држави ќе вршат испитувања за присуството на тешки елементи во почвата и во зависност од резултатите ќе се креира план за рехабилитација на почвата со што би се придонело за креирање на здрава животна средина. Со проектот „Тера-Мед“ предмет на анализа е почвата во пелагонискиот регион, конкретно почвата во близина на РЕК Битола. Вредноста на проектот изнесува 169.875 евра. Од нив, 85 проценти ги обезбеди ЕУ, а остатокот од средствата се на Министерството за локална самоуправа - изјави Мила Арапческа, професорка на Биотехничкиот факултет во Битола.
Проектот „Тера-Мед“ се реализира во партнерство со професори од Унивезитетот „Аристотел“ од Солун кои се во постојана комуникација и соработка со професорите од Македонија. Тие на околу 200 примероци почва ќе испитуваат 20 тешки елементи врз основа на кои ќе се врши проценката на загаденоста на почвата. Ќе се испитуваат и мовта и прашината со што ќе се проценува и квалитетот на воздухот.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS