mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Собирачите на диворастечки растенија, чувари на природата

Собирачите на диворастечки растенија, чувари на природата

Типографија

Во Крива Паланка и околината бројни се собирачите на печурки, шумски плодови и разни видови чаеви. Дел од нив од продажбата на овие природни растенија ја обезбедуваат својата егзистенција, додека за други таа е извор на дополнителен приход.


Откупувачите велат дека секоја сезона имаат различни количества откупени диворастечки растенија. Дали правилно се собираат овие растенија, на начин на кој што се заштитува природниот биодиверзитет? Околу 450 собирачи од Североисточниот плански регион поминаа обука за тоа во последниве две години. Тие учеа како можат да ги зголемат своите приноси од собирањето, а со тоа и приходите, но притоа да не го нарушуваат квалитетот на биодиверзитетот. Бесплатните обуки се во рамки на проектот „Експанзија на мали бизниси“, финансиран од УСАИД и од Швајцарската влада со поддршка од локалните самоуправи и на ЈП Македонски шуми. По обуката собирачите се стекнуваат со сертификат со важност од три години, бидејќи согласно македонските закони за заштита на животната средина само тие што се лиценцирани за органско собирање растенија можат да ја извршуваат таа дејност.

Целта на ваквите обуки е да се зголеми економскиот раст на земјава преку проширено и еколошки одржливо собирање и продажба на диворастечки растенија, што овозможува добра репродукција на растенијата и во иднина со што собирачите ќе си овозможат долготрајна егзистенција и себеси и на откупувачите.

  • Ефектот на обуките е да постават минимум ниво на разбирање и знаење за тоа што значи одржливо собирање и зошто е важно за собирачите и за природата. Бидејќи станува збор за релативно нов процес, секако ќе треба да помине подолго време пред да можат на терен да се увидат сите промени и ефекти од обуките. Инаку, нашиот проект го спроведуваше обучувањето и сертифицирањето, а законско право и обврска е на Македонски шуми и на националните паркови е да обезбедат почитување на прописите на терените кои ги опслужуваат и обезбедуваат. Можам да кажам дека од обуките на кои бев присутен, собирачите имаа разбирање за тоа што се предаваше. Исто така, знам дека и во Маврово, каде активно соработуваме со паркот, се внимава на почитување на прописите и се казнуваат прекршоците - појасни Атанас Димитров, проектен координатор.

Проектот го подржа и отворањето на четири откупни пунктови, три во  Националниот парк Маврово и еден во општината Боговиње. Низ Македонија се оддржани повеќе од 74 обуки за собирачи и обучени се над 1.700 собирачи на диви растенија.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS